Friday, October 9, 2009

Старец Пајсиј прекоруваше некои од своите посетители, кои се чудеа слушајќи ги чудесните случки од житиите на светителите од синаксарите, на пример, како свети Симеон Столник живеел на еден дрвен столб четириесет години (според тоа, ние сме осудени, и за нас е недостижно спасението - велеа некои), и им велеше:

Не сте го прочитале добро тоа; оти, не ги читаме ние синаксарите за да изгубиме надеж и да паднеме во униние, туку да се возвеселиме, да се зајакнеме и да добиеме надеж која ќе ни помогне во овој наш личен полет, воскресение и преображение! Ако свети Симеон Столпник поминал четириесет години на дрвен столб, тогаш ти контролирај го својот гнев четириесет минути, односно, направи нешто според твојата мера! Ако овие луѓе ги оставиле своите родители, ги напуштиле своите браќа, пријатели, училиштата и светлите успеси кои сигурно би ги постигнале, тогаш ти напушти го тоа што те разделува од Бога!

Според тоа, Старечникот, и сите тие убави четива и приказни се добри само тогаш кога носат резултати, кога постануваат отскочна даска, будилници, труби кои повикуваат на будење, за и ние да ги најдеме процентите на нашата одговорност, мерата на своите можности,за и ние да го најдеме она што можеме да го понудиме; да го понудиме она што можеме да го понудиме, а не она што не можеме, но и да не го оставиме и да не го направиме она што можеме. Ова е многу важно и тоа е тоа што се бара. Значи, навистина е убаво и пријатно да се говори за сите овие луѓе. Но јас, исповедувајќи, ви велам дека секој пат кога читам или слушам или гледам такви луѓе, се проверувам и измачувам себе си што не правам ништо околу здобивањето на нешто корисно, односно што не се предавам на Бога, оти тогаш и Бог ќе ми Се даде и мене.

Затоа што на еден наш чекор, Бог прави десет, но ние треба да го направиме овој прв чекор, за да ја покажеме нашата слободна волја, за да покажаме дека навистина посакуваме и сакаме Бог да биде владетел на нашиот живот и дека Бог не е нешто маргинално, туку Некој Кој ни е потребен. Дека Бог е Оној Кој не’ привлекува и ги разубавува нашите денови и ноќи, нашиот севкупен живот!

No comments:

Post a Comment