Tuesday, October 6, 2009

ВОВЕД ЗА ПОСТОТ ПДФ Печати Е-пошта

ВОВЕД ЗА ПОСТОТ

Постот е востановен од Бога со заповедта дадена на првите луѓе во земниот рај - да не јадат од дрвото за познавање на доброто и злото (1. Мој. 2,17). Преку неа Бог сакал уште на самиот почеток да ги научи луѓето на послушност и воздржување.

"Постот е оружје во духовната борба против поднебесните сили" (лукавиот и неговите црни ангели) (Матеј 17, 21; Ефес. 6,12), неопходно средство за стремеж на човекот кон духовно совршенство, надежна сила за давање отпор во духовната немоќ и благодатна ризница за постигнување на крајната и врвна цел на христијанскиот живот - светост и спасение во Господа.

Во Стариот Завет имаме многу примери за пост: светиот пророк Мојсеј Боговидец постел 40 дена и 40 ноќи (2. Мој. 34, 28) за да се подготви да ги прими Десетте Божји заповеди; светиот пророк Илија со строг пост, духовна чистота и голема ревност за Господа се удостои да ја види Божјата слава (3. Цар. 16, 4-13), а, пак, светиот Јован Крстител е познат како најголем и најстрог испосник. Воопшто, сите праведници постот го запазувале во помала или поголема мерка.


Самиот Господ Исус Христос се подготвил за сеопшто служење и за искупителниот подвиг преку 40-дневен пост (Матеј 4, 2). Во проповедта на планината Он ги учел своите последователи каков треба да биде вистинскиот пост: "Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата мрачни, за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам, оти тие ја добиле веќе својата награда. А ти, кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно" (Матеј 6,16-18).

Оние кои поверувале во Христа започнале да постат уште во времето на апостолите. Првите христијани постеле строго, често и продолжително, за да се подготват подобро за богоугодни подвизи. Во првите векови христијаните постеле не во определено време, туку кога сакале и колку сакале.
Во четвртиот век наоѓаме правила и одредби не само за постоечките, Велигденскиот и Петровденскиот пост, туку и за Божикниот и Богородичниот пост. Четирите поста биле прилагодени кон четирите годишни времиња.


Суштината на христијанскиот пост не е умртвување на телото, како што погрешно се мисли, туку умртвување на гревот во нас, зашто гревот предизвикува пропаѓање и смрт. Закрепнувајќи ја волјата, постот му дава можност на духот да владее со телото.

No comments:

Post a Comment