Tuesday, October 6, 2009

ТРПЕНИЕТО И НЕГОВОТО ЗНАЧЕЊЕ ПДФ Печати Е-пошта
ТРПЕНИЕТО И НЕГОВОТО 3 Н А Ч Е Њ Е

Трпението претставува духовна храброст, преку која христијанинот го прима искушението како филтер за очистување на душата, за развивање на добродетелите и за исполнување со вистинско спасително возвишение. За тоа Св. ап. Јаков во своето Соборно послание вели: „ Трпеливоста пак, нека ви биде совршена работа, за да бидете совршени и целосни, без никаков надостаток " (Јак. 1, 4). Значи Бог од нас христијаните не бара просто, туку совршено трпение, преку кое ќе се претставиме како совршено развиени и усовршени во добродетелите. Денешниот човек мошне тешко ги поднесува несреќите и болестите. Притоа честопати нетрпеливо на искушенијата одговара не етички и не христијански, со што навлегува длабоко во замките на гревот или пак покажува некое привидно трпение, кое не прераснува во вистинско и не ја достигнува вистинската христијанска вредност. Совршеното трпение никогаш не враќа зло за зло, туку добро за зло. Затоа совршеното трпение не е само за Бог (кој е Многумилостив и Долготрпелив) и за ангелите, туку и за сите нас-обичните луѓе, зашто сите сме Божја лика и прилика, односно образ и подобие Божјо. Така, Господ Исус Христос поднесувајќи секакво страдање преку Неговата човечка природа, за оние што го распнаа на крстот се молеше: » Оче, прости им зашто не знаат што прават ! « (Лк. 23, 34). Првиот пак, христијански маченик-архиѓаконот Стефан, додека коленичеше, се молеше за оние што го каменуваа: » Господи, не примај им го ова за грев! « (Дела 7,60).
Позицијата која ја поседува трпението во рамките на христијанските добродетели има највисока вредност. Имено, лично самиот Бог благоволил да биде наречен-Бог на трпението и утехата (Рим. 15, 5). Тоа за верниците значи дека, верата проткаена со животните искушенија и несреќи ќе ја создаде утехата, која пак и самата е плод на трпението, при што за човекот токму тоа е прифаќање на непроменливата Божјата волја и промисла. Кога се прима навредата, неправдата и понижувањето, без обид за омраза, злопамтење и освета, преку трпението се извежбува воздржаност, поднесување и долгострадание, кои овозможуваат да се појави најчистата хркстијанска љубов-љубов кон непријателите: „ А Јас, пак, ви велам: љубете Ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и Гонат " (Мт. 5,44).
Значи, трпението е вистинскиот Богоспасителен балсам, кој вистински ја лечи понижената душа и ја буди чудотворната и таинствена моќ на човечката волја за духовно спасение. Тоа пак, од своја страна придонесува за видливо воспоставување и одржување на внатрешниот мир, кој е важен за секое христијанско семејство заедно и исполнување со духовна сила и храброст на секој член одделно, за да истрае и да ги преброди искушенијата. Затоа е речено: ТРПЕНИЕ-СПАСЕНИЕ!

No comments:

Post a Comment