Tuesday, October 13, 2009

ПРАВОСЛАВИЕТО И МЛАДИТЕ

ПРАВОСЛАВИЕТО И МЛАДИТЕ


Младите играат голема улога во остварувањето на црковно- општествениот живот на земјата, и од кои зависи понатамошниот културен тек на човештвото. Меѓутоа, времето во кое се живее има огромно влијание врз формирањето на нивната личност: тука се секојдневните стихии, улицата, масовните медиуми, особено телевизијата. Уште од најрано детство, тие се препуштени на самите себе. Соочени се со невработеноста, големите социјални нееднаквости, предзнаците на еколошката катастрофа. Сето тоа кај нив создава чувство на беспомошност, безнадежност и бесперспективност. Како последица на тоа се јавува сеопшт бунт против суровите авторитети: родителите (заради нивното лошо воспитување), општествените институции (кои даваат лош пример), крутите црковни институции, па дури и против Бог (најверојатно заради лошата претстава за Бог како судија и безличен апсолут).
Факт е дека младите пројавуваат особен интерес за многу религиозни вистини и вредности, како што се окултистичките и парапсихолошките феномени, религиозните философии на древна Индија и религиозниот мистицизам. Ова укажува дека младиот човек копнее по Бога, трага по Бога, но тој копнеж и трагање го модифицирал во разни облици на религиозност. Тој не прифаќа религија заради традицијата, туку само ако таа ги решава неговите егзистенцијални проблеми и потреби, ако е смисла на неговиот живот. Знае дека човечката личност во денешно време е обезвредена, па затоа бара да се почитува неговата личност. А токму тоа го нуди православието: да ја издигне човечката личност на највисок пиедестал. Во православието таа е најголема светиња и никој не смее ништо да и направи. Заради тоа православието е лесно приемчиво за младите. Тие за темелни вредности ги сметаат љубовта и заедницата, а во нив, макар и несвесно се открива тајната на христијанскиот живот- љубовта. Qубовта е онтолошко својство за секоја личност. Таму каде што нема вистинска љубов спрема Бог, нема ни вистинска љубов спрема човекот. Тие две се нераздвојни една од друга. А кон сето тоа се стреми младиот човек. Тој исто така, е борец, спремен секогаш да учествува, амбициозен, со тенденција да преобразува. Токму заради тоа се среќаваат млади кои активно учествуваат во науката, уметноста, политиката, и воопшто во другите општествени случувања. А автентичното православие бара од секој член да не биде пасивен набљудувач, туку активен учесник во сите области на животот на Црквата. Тоа повторно говори колку православието им е блиску на младите и колку им овозможува тие да се развиваат како здрави и целовити личности.
Голема утеха и голема радост претставува тоа што денес многу млади станаа активни членови на Црквата. Тоа дава надеж за препород не само на Црквата, туку и на општеството во која таа делува.
Црквата не може да одговори и да ги реши сите прашања и проблеми со кои се соочува младиот човек. Но, затоа, пак, може да укаже на некои основни предуслови кои се неопходни за препород и преобразување на општеството.
За сето ова од големо значање е и верското образование на младите, од кои зависи иднината на човештвото. Веронауката првенствено има за цел да го обликува образот Божји во човекот, да го пренесе искуството на верата, да ја обликува христијанската свест и поглед на свет и сето тоа да го примени во конкретниот живот. Со еден збор таа подразбира активно воведување во литургискиот и светотаински живот на Црквата и учествување во него.
Но, што се случува денес? Под влијание на реалниот социјализам, Црквата е истисната, т.е. протерана од општеството и со тоа таа нема скоро никакво влијание во јавниот живот. Ваквата загуба придонела да се развие образование кое најчесто создава "промашени и недовршени луѓе, често и интелектуални инвалиди". По паѓањето на марксистичката идеологија се прават напори за повторно воведување на веронаука во училиштата како факултативен предмет. Што се однесува до образованието во црковните училишта, тоа е сведено само на интелектуално ниво. Тоа подразбира само стекнување на знаење, собирање на готови информации, на "бубање" дефиниции кои брзо се забораваат. И така, овие училишта, не ретко, во самата своја суштина, постануваат копија на протестантските и римокатоличките образовни системи и институции, каде знаењето е сведено само на знаење како "информација". Учењето се одвива по пат на логички операции и научни методи систематизирани во разни науки, катихизиси, догматско-етички прирачници... Така православието се претвора во идеократски систем, со строго религиозно- морална доктрина во која главна улога имаат казните и забраните. А праксата која е главен извор на црковното богословие е сведена на формализам.
Погрешниот систем на верското образование, недоволната заинтересираност на самите професори, како и формалното учење на учениците, засновано само на знаење, без активен живот во Црквата, се еден од главните фактори кои придонесуваат Црквата да претрпи разорување и одвнатре и однадвор. За сето тоа време многу луѓе прибегнуваат кон разни секти, сатанистички, астролошки и други окултистички заедници.

No comments:

Post a Comment