Saturday, October 10, 2009

Cвети Ахмед Калфа – муслиман преобратен во Православната Вера

Cвети Ахмед Калфа – муслиман преобратен во Православната Вера


Свети Ахмед бил роден во 17-ти век во Константинопол и потекнувал од турски исламски род. Тој бил човек учен и мошне богат, имал видна позиција во државата, работел како препишувач во Големата архива. Кога се преобратил во вистинската вера, веќе бил во зрела возраст.


Тој немал законска жена, туку руска наложница-робинка, а со неа живеела и уште една стара жена од Русија. Двете биле благочестиви, а бидејќи Ахмед бил верски трпелив, им дозволувал да го посетуваат христијанскиот храм.

За време на празничните денови, старата жена одела во црква и земала од благословениот леб (антидорон), и и’ носела на младата жена за да јаде. Исто така, и’ носела и осветена вода за да пие. Со тек на времето, Ахмед забележувал кај нив некакви благодатни измени, кои се случувале секој пат кога старата жена се враќала дома после богослужбата. Секогаш кога Ахмед бил блиску до својата наложница чувствувал благоухание кое излегувало од нејзината уста и ја прашувал што јадела за да има таков мирис, но таа не кажувала. По долго инсистирање, на крај му признала дека тоа е од лебот кој бил благословен од свештеникот и кој и’ го носела старата жена секогаш кога се враќала од црква. Слушајќи го ова, Ахмед посакал да ја посети Православната црква и да види како православните христијани го примаат овој благословен леб. Обземен од љубопитност, од свештеникот посакал да присуствува на Литургија на која ќе служи петријархот. Неговата желба била исполнета, му било подготвено посебно место како на виден гостин, и тој облечен како христијанин отишол на богослужба. Според шеријата муслиманинот има право да ги посетува христијанските храмови во секое време (но не за време на молитва, се разбира).


И ете, за време на Литургијата, муслиманскиот чиновник неочекувано видел како патријархот блеска во светлина и бил подигнат од земјата кога излегувал од олтарот преку царските двери за да го благослови народот. Во моемнтот кога патријархот благословувал, од трисвештникот и неговите прсти излегувале зраци кои паѓале на главите на сите христијани, а само глава на Ахмед била одмината. Тоа се случило два-три пати и секој пат муслиманинот го гледал истиот призор. Вџашен од тоа чудо, Ахмед искажал желба веднаш да го прими светото крштение, кое и било тајно извршено над него, најверојатно од самиот патријарх.

Одредено време Ахмед останал таен христијанин, криејќи го своето христијанско име, и затоа тоа не стигнало до нас. Како меѓу муслиманските велико-чиновници и мулите, така и среде обичниот народ, имало многумина тајни христијани. Долги години тие оделе во „џамијата Аја-Суфија“, каде секој ден тајно извршувале христијански молитвословија. Тајни христијани има и денес во муслиманските земји. Исто така, постојат и христијани кои јавно ја исповедаат верата, и со години го носат тој подвиг.


Не се знае што се случувало со свети Ахмед во периодот додека бил таен христијанин, но со голема увереност може да се каже дека љубовта кон неговата жена, поради која и станал дел од Црквата, сега, со нивната заедничка вера, станала безмерно повозвишена и почиста. Со истата уверенст може да претпоставиме дека светителот имал наколку тајни средби со духовникот на храмот каде што се крстил, за раководство во христијанскиот закон.

Тој останал таен христијанин се’ до моментот кога еден ден отишол да јаде со едни муслимански велеможи и започнале разговор за тоа што е најбитно во животот. Секој давал свое мислење. Еден рекол дека најбитно е човек да има мудрост, друг дека жената е најголемото нешто во светот, трет дека тоа е добрата храна… Кога дошол ред на Ахмед и го запрашале што мисли, тој неочекувано за сите нив гласно и ревносно исповедал: „Најголемото нешто од се’ е христијанската вера!“ „Ти да не си христијанин?“ — исмевачки го прашал един од муслиманите. „Да, христијанин сум“ — бавно, спокојно и јасно рекол светителот, и насмевката од лицето на оној што прашал, се стопила… Тогаш смело почнал да го разобличува лицемерието и измамата на муслиманите, поради што неговите соговорници најпрво биле зачудени. Но, потоа тие со неопислив бес се нафрлиле на светителот и го одвлекле до судијата за да биде осуден на смрт. Така, на 3 мај 1682 г. свети Ахмед прими маченички венец и се искачи на небесата за вечно да се радува на божествените наслади.

No comments:

Post a Comment