Saturday, October 10, 2009

БЕСЕДА ЗА ЉУБОВТА

Кога фарисеите, сакајќи да го искушаат Господа, Го прашале која е најголемата заповед, Тој јасно и гласно одговорил: заповедта Божја возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиов свој разум и со сета своја сила и возљуби го својот ближен како самиот себе си.( Мт. 22:36-39; Лк. 10:26,27) Понатаму вели: кој сака да си го спаси животот свој ќе го загуби; а кој го загуби својот живот заради Мене, односно за Бога - ќе го најде ( спаси). (Мт.16:25,26)

Мислам дека овие зборови сами по себе се доста јасни и не мора воопшто да се толкуваат. Но, од фактите дека ние не постапуваме така, и не ги исполнуваме, потребно е да се потсетуваме. Најпрво, за самиот себе, кој зборувам, а ништо не исполнувам, а потоа за вас кои слушате и не разбирате, или не сакате да разберете.

Господ сака да ни ја каже суштината на овој живот. Тој сака да ни каже дека овој свет е паднат во грев, блуден е и грешен. За да се спасиме е потребно лично и општо покајание на човештвото. Да умреме за светот и самите себе, а тоа умирање е умирање за страстите и својата грешна волја, желби и чуства, за да се родиме за живот вечен, кој Господ ни го дава нам, на оние кои ќе го прифатат словото Божјо, и ќе ги исполнат Неговите заповеди.
Некој ќе рече дека Божјите заповеди се тешки. Па гледате ли дека самите себе се лажеме и Господ го правиме лажец, кога велиме така. Затоа што, како што Господ вели, сите Божји заповеди, законот и пророците се содржани во овие две заповеди што се една заповед, а тоа е љубовта. Значи, ако љубовта е тешка, тогаш не знам што понатаму да кажам и останувам без зборови?!?

Затоа, браќа и сестри, да се покаеме и да си ги видиме своите гревови, не туѓите, туку своите, за да си ги спасиме душите. Како што вели Господ, ако го придобиеме и целиот свет и да станеме патријарси, претседатели, и било што да е од овој свет, сето ќе ни биде бадијала ако на својтата душа и напакостиме, односно ако не го возљубиме Господа со сето свое срце, со сиот свој ум и разум и со сета своја сила, и својот ближен како самите себе. Она што го немаме е љубовта, зашто ако ја имавме немаше светот да биде во оваа состојба во која што е денес, и немаше да има потреба од покајание, туку ќе се љубевме еден со друг, ќе живеевме еден за друг, ќе го живеевме животот Христов и ќе имавме живот во себе, и тоа во изобилие.

Но, Господ секогаш не потсетува за нашите гревови и секогаш ни дава нова можност за нов живот, и како што Светите Отци велат: секој ден е нов почеток.
Амин

No comments:

Post a Comment