Saturday, October 10, 2009

Целта на животот

Целта на животот


Св.Григориј Ниски

За целта [на животот] по Бога и за вистинското подвижништво

1 Ако некој, [живеејќи] по Бога, и оддалечувајќи ја мислата од телото и робувањето на страстите, и исто така престојувајќи надвор од неразумностите [на овој свет], со искрена и чиста помисла сам ја проучи душата своја, ќе ја види јасно во природата на таа душа [одразената] љубoв Божја кон нас и замислата Божја за време на нејзиното создавање. Проучувајќи се себе си на тој начин, ќе ја разоткрие и за човекот својствената и со него срасната склоност кон доброто и најдоброто, [која извира од природаната] желба за нив. Ќе ја забележи и [за човечката] природа својствената безстрастна и блажена љубов кон оној надсетилен и блажен Лик, чие подражавање е човекот. Меѓутоа, некое залажување од видливите и вечно минливи [пропадливи нешта] ја фрла душата во заблуда преку неразумната страст и горка наслада, ја пленува и така ја користи нејзината лекомисленост и ја привлекува кон опасниот порок, кој настанува од насладувањето со [минливиот] живот, а самиот раѓа смрт во оние го возљубиле тој порок. Заради тоа, на оние кои со љубов го примаат познанието на Вистината им бил даден спасоносен лек – благодатта на нашиот Спасител. Таа ја укинува лагата која го пленува човекот, а пред светлината на Вистината потполно исчезнува нечесната помисла [која ја води во соблазна] кај онаа душа која, примајќи го знаењето, оди по патот на спасението и тежнее кон божественото.

2 Вие, достојно примајќи го тоа знаење и таа божествена љубов во склад со природата на душата која [ви] ја дари Бог, и водени од неа, сте се собрале, воодушевени со ревност да го остварите апостолскиот начин [на живот] на дело, и по тој повод изразивте желба да ве поучиме како раководители и патеводители по патеките на таквиот живот. [Сметавте дека таа поука ќе ве] изведе на вистинскиот пат, така што јасно ќе ви покаже каква е целта на животот на оние кои одат по тој пат, каква е добрата, угодна и совршена Божја волја (Рим.12,2), како да се постигне определената цел, како треба да живеат оние кои, заедно едни со други, одат по тој пат, како претстоителите треба да раководат со хорот философи, и какви подвизи треба да понесат оние кои имаат намера да се воздигнат на врвот на добродетелите и да ја подготват својата душа за достојно примање на Духот. А бидејќи вие молите таа поука да не ви ја изложиме само устно, туку и во пишан облик, за да ја чувате за секој случај, и по потреба, да ја земете, како од ризница на сеќавања, ние, сега со смелост исполнети, се обидуваме да ја изложиме во склад со благодатта на [Светиот] Дух која нé раководи.

3 Затоа што несомнено знаеме дека правилото на набожноста е засновано на вистинската догма на верата, и затоа што признаваме едно божество - блажената и вечна Троица, Кој никогаш и никако не се менува, туку со умот се созерцува во една суштина, една слава и една иста волја, и Кому истовремено Му се поклонуваме во три ипостаси, ние своето исповедување, примено од многубројните маченици, го објавивме во Духот, Кој нé изми на изворот на тајната. И затоа што знаеме дека тоа набожно и непогрешливо исповедање на верата е неколебливо утврдено во длабочините на вашите души, и затоа што дознавме дека кон патот на добродетелниот живот се стремите и воздигнувате во доброто и блаженството, ние во пишан облик накратко ви ги нудиме семињата на учењето, избрани од Писмото, кои нам ни ги подари [Светиот] Дух. Притоа ги наведуваме, сразмерно на потребата, самите зборови на [Светото] Писмоза да ја [укрепиме] верата во нас [самите] кои ова го говориме, и го изнесуваме нашето разбирање на таа вера. Тоа го чиниме за да не појдеме по лажниот пат, зашто сметаме за можно дека, отфрлајќи ја небесната благодат, подлата и ниска мисла раѓа незаконски чеда и дека, создавајќи привиди на набожност со посредништво на надворешни помисли, во незнаење ги вкоренува во Писмото, исполнувајќи се со испразнета вообразеност.

4 Поради тоа нам ни следи во иднина, да ги приведеме телото и душата кон Бога по законот на набожноста, и да Му принесуваме бескрвно и чисто служење така што ќе направиме раководител на [нашиот] живот да биде набожната вера кон која низ целото Писмо нé повикуваат гласовите на светите. Послушната и кротка душа мораме да ја изведеме на борилиштето на добродетелите токму така што во чистота самите себе ќе се ослободуваме од патиштата на овоземниот живот, ќе се избавуваме од робовското служење на [сé] ниско и празно, потполно ќе се предаваме на верата и живеењето само поради Бога, и јасно ќе знаеме дека на оној, кој во себе [ја чува] набожната вера и непорочниот живот, му е својствена и силата Христова, а во кого е силата Христова, тој го избегнува секое зло и смрт, која го разурнува нашиот живот. Лукавите [духови] немаат во себе таква сила која би можела да ú се спротивстави на силата на Господ [на овој свет]; на тие духови им е својствено само да ја следат човековата непослушност кон заповедите. И како што во дамнина поради тоа пострада првостворениот [Адам], така и сега го подражаваат оние кои,своеволно, [чекорат на патот] на непослушноста.


5 Оние, пак, кои простапуваат кон Духот со искрена волја, имаат вера во полнотата на убедувањето, и немаат никаква дамка на својата совест, ги очистува самата сила на Духот, по зборовите: „ нашето проповедање на Евангелието меѓу вас не беше само со слово, туку и во сила, и во Светиот Дух, и во полна увереност; како што знаете какви бевме меѓу вас заради вас.“ (1Сол 1,5) и: „И вашиот дух, душата и телото да бидат запазени целосни и беспрекорни при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос!(1Сол 5,23)


6 Тој Дух преку бањата на достојните им дарува залог на бесмртноста за талантот, доверен секому, да донесе невидливо богатство низ трудот на оние на кои им е даден (спореди Лк 19,12-27; Мт 25,24-30). Браќа, големо е, неизмерно големо е светото крштение за оние кои го примаат со страв [Божји] во подвигот за стекнување на надсетилни [богатства]. Богатиот и незавидлив Дух секогаш тече во оние кои ја примаат благодатта, и преисполнети со неа, светите апостоли на црквите Христови им ги покажале плодовите на полнотата. Тој Дух пребива во оние кои искрено го примиле тој дар, по мерата на верата на секој [од Него] причасен; сојдејствувајќи [во верните] и соживеејќи [со нив], Тој во секого создава добро за душата да биде ревносна во делата на верата, според зборовите Господови, Кој вели дека оној кој зема кесе со сребро, го зема за да го умножи тоа што му е нему дадено. [Тоа значи] дека благодатта на Светиот Дух се дарува секому за [духовно] напредување и растење на оној кој ја прима. А душата, препородена со благодатта Божја, треба да се храни сé дотогаш, до кога не ја достигне мерата на созерцателски раст во Духот, а тогаш ќе добива доволно храна благодарение на подвижничкиот труд во добродетелите и поддршката од благодатта.


7 Како што основното својство на телото на новороденчето е да не остане [засекогаш замрзнато] во кршлив раст, туку да се храни со телесна храна, да се развива по природниот закон, и да ја достигне за него востановената мера, така треба да [расте] и повторно родената душа, која преку причаститето на Духот се исцелува од болести и последиците на непослушноста, и ја воспоставува својата убавина по природа. Тоа е [неопходно] за душата вечно да не остане на детска возраст, за да не биде бескорисна и да го помине животот во [мртвилото] на неподвижноста, не правејќи ништо како [новороденото] дете, туку за да се зајакне така што ќе ја зема за неа својствената храна, и со помош на секоја добродетел и сесрдни подвизи порасне до потребната мера на нејзината природа. [Тоа е и неопходно за] таа, благодарение на [Светиот] Дух и низ сопствената добродетел, да се направи себе си неповредлива за многуте невидливи замки кои невидливиот разбојник ги поставува за да би ги [ловел] душите. Затоа, според апостолот, ние мораме да се донесеме себе до совршениот човек: „додека сите не стигнеме до единството во верата и познавањето на Синот Божји, до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство, та да не бидеме веќе мали деца, што ги лула и занесува секој ветар на лажните учења, по лукавството на луѓето, по итрото искуство на измамата, туку со вистинска љубов во се да растеме во Оној, Кој е глава, Христоси не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја.(Рим 12,2), т.е. за со набожноста да се вообличи душата, а неа благодатта на Духот, потпомогната со подвизите на оној кого го вообличува, да ја украси со највозвишената убавина.

(Ефес 4,13-15). Тој го вели и следното:


8 Растот на телото, кое се развива, воопшто не зависи од нас, зашто природата не ја ускладува неговата големина со човечката волја и желба, туку се [сообразува единствено] на своето движење и нужност. А мерата и убавината на душата во обновеното [духовно] раѓање, кои се даруваат преку благодатта на Духот низ усрдноста на оние што ја примаат [таа благодат], зависи од нашата волја. До која мера ќе го простреме подвигот заради набожноста, до таа мера, заедно со него, се простира и големината на душата, која се достигнува благодарение на тие подвизи и труд. На нив и нé повикува Господ, говорејќи: „Потрудете се да влезете низ тесната врата (Лк 13,24), и: „царството небесно насила се зема и силните го грабаат (Мт 11,12), и „кој претрпи до крај, ќе биде спасен“ (Мт 10,22), а исто така и: „со трпение спасувајте си ги душите.“ (Лк 21,19) И апостолот вели: „Со трпение да побрзаме кон претстојната борба“ (Евр 12,1) и: „Така трчајте и вие, за да добиете“ (1 Кор 9,24), „како служители Божји, со големо трпение“ (2 Кор 6,4). Заради тоа [Господ] нé повикува да се бориме и подвизуваме, зашто дарот на благодатта е сразмерен со трудот на оние кои ја примаат.

No comments:

Post a Comment