Saturday, October 10, 2009

Да не започнуваме многу работи

Да не започнуваме многу работи


Старец Пајсиј

Денес лугето не живеат едноставно, па затоа многу застрануваат. Започнуваат истовремено повеќе работи и тонат во мноштво на грижи. Јас ќе завршам една работа, па потоа мислам на друга. Никогаш не работам повеќе работи одеднаш. Сега ќе решам, на пример, да го правам ова; кога ќе завршам со тоа, почнувам да размислувам за тоа да правам нешто друго. Бидејќи ако не ја завршам започнатата работа, а поминам на друга, во душата ќе чувствувам немир. Кога човек работи многу нешта истовремено, просто - збудалува. Доволен е и самиот факт што во исто време мисли на толку работи, па да оболи од шизофренија.

Во една прилика во ќелијата ми дојде момче со симптоми на психичко растројство. Ме убедуваше дека страда од некоја наследна пречувствителност...

-За какво наследство ми збориш? – му реков. –Како прво – потребен ти е одмор; како второ – заврши го школото; потоа одслужи војска, па потоа најди некоја работа.

Сиротото момче ме послуша, и така го најде својот животен пат. Така луѓето се пронаоѓаат и самите себе.

-Старче, јас лесно се заморувам кога работам. Не разбирам – зошто?

-Ти недостига трпение, затоа што се занимаваш со разни работи. Се вртиш околу многу нешта, и така се заморуваш. Потоа тоа ти создава нервоза, бидејќи си ревносна и се грижиш /за послушанието/.

Додека живеев во манастирот, во столарската работилница имав еден помошник, старецот Исидор. Сирот човек, беше многу нестрплив. Ќе почне еден прозорец – ќе се изнервира; ќе земе да прави врата – ќе се изнервира, па и неа ќе ја остави; потоа ќе почнеше да прави кровови. Се оставаше до половина завршено. Ниедна работа не ја доведуваше до крај. Некои даски ќе ги изгубеше, некои погрешно ќе ги исечеше. Така човек само ќе се избезуми, а ништо нема да направи.

Постојат и такви луѓе кои, иако се со ограничени способности и можат да работат само некоја одредена работа, се занимаваат и се вплеткуваат во многу нешта. Тие на крај ништо нема да направат како што треба, но затоа во тие свои работи ќе вовлечат и други. Ако е тоа возможно, добро е да правиме само една до две работи истовремено, но тие свои работи да ги извршуваме како што треба. Така главата секогаш ќе ни биде бистра и одморена. Кога ќе ја привршиме започнатата работа можеме да прејдеме на некоја друга. Бидејќи ако го растураме умот на многу нешта, како потоа од него да очекуваме некакво духовно делание? Зар така расеан е во состојба да се сети на Христос?

No comments:

Post a Comment