Saturday, October 10, 2009

ТАЈНАТА НА ВЛАСТА И СЛУЖЕЊЕТО

ТАЈНАТА НА ВЛАСТА И СЛУЖЕЊЕТО


Патот на спасението не е пат на слава и почести, туку пат на мачеништвото во љубовта. Затоа Господ, секогаш кога ќе ја покажеше Својата сила како Син Божји пред апостолите, правејќи чуда на милосрдие и кажувајќи мудри поуки какви човек никогаш не изустил, Тој не пропушташе прилика да им зборува за Своето доброволно страдание. Зашто тие, според слабоста на своите човечки надежи, мечтаеја дека Господ на крајот сепак ќе се зацари и ќе ја добие Својата власт на земјата, дека и тие ќе добијат власт и слава во Неговото земно царство, како Негови верни поданици. Но, Тој постојано зборуваше за Своето распнување и срамна смрт, знаејќи дека во срцата на учениците, особено во срцето на Јуда, се образува погубната помисла. И како се приближуваше моментот на Неговото божествено истоштение, Тој се поконкретно им зборуваше за тоа. Ете, во оваа прилика, Тој дури и ги наброи сите нешта што ќе се случат со Него во тие денови: Ете, се искачуваме кон Ерусалим - им зборуваше Тој - и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците. И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.


Како Добар Пастир, Тој сакаше да ги подготви апостолите за драматичните настани што следуваат. Дури ни радосното дочекување во Ерусалим со повиците: Осана на висините, благословен е Оној, Кој доаѓа во името Господово! - нема ништо да променат. Господ не се воплоти за да се зацари на земјата, како што му посведочи и на Пилат: Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде (Јн. 8, 36).


Сето тоа ќе се случи за спасение на мнозина, како што вели Господ, на самиот крај од Евангелското четиво. Учениците Негови, пак, ништо не бараа од Него сé до овој момент. Првпат, синовите Заведееви, Јован и Јаков, побараа нешто од Господа, во што ја открија помислата на сите ученици. Побараа, во славата на Неговото царство, да седнат, едниот од левата, а едниот од десната страна. Меѓутоа она што тие го бараа, го бараа според човечката логика, негувајќи безумни надежи. Тие мислеа дека Господ ќе биде цар на земјата и тие ќе бидат меѓу Неговите најблиски соработници и пријатели. Од истите мотиви, кога Јуда забележа дека нема реални шанси да се случи тој пресврт и Учителот да го добие Царството, тој се разочара, та отиде да го предаде за триесет сребереници.


Тие побараа да седат од лево и од десно на Господа, но, од аспект на вечноста, од аспект на Судот Божји, она што тие го побараа беше навистина страшно. Местото од десно и од лево на есхатолошки план Господ го објаснува во параболите за Царството Небесно:
А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи; па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите; и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата. Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот; (...) Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели (Мт. 25. 31-41)


Да се седи од левата страна на Бога значи да се биде во пеколот, а да се седи од десната страна значи да се биде во рајот. Двајцата ученици, браќа по крв и по дух, побараа, за едниот рај, а за другиот пекол, помислувајќи на нешто сосема друго. Токму и затоа Господ им рече: Не знаете што барате. Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштавањето, со кое се крштавам Јас? Тие одговорија: Можеме. А Исус им рече: Чашата, што ја пијам Јас, ќе ја пиете и вие, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; но, да позволам да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Мене; тоа е за оние, за кои е приготвено.


Страшно е кога во нашите молитви, поттикнати од ниски побуди, од Бога бараме погубни нешта за себе и за нашите ближни. Затоа треба да внимаваме што посакуваме од Господа и какви надежи се темел на нашата побожност. Конечно, нема ништо поблажено и поспасоносно за нас од тоа, што Господ не ги исполнува сите наши желби и барања. Тој ни го дава само тоа што навистина ни е полезно, колку што е полезно и кога е најмногу полезно. За нашето место во рајот или пеколот, сликовито кажано, одлучуваме самите, или како што вели Спасителот: тоа е за оние, за кои е приготвено.


Со ова ни се открива можеби најголемата тајна на Небесното Царство. Таа е содржана во вистината дека не постои предодреденост, ниту судбина. Дека човекот не е детерминиран со волја надвор од својата сопстевена волја, ниту со сила надвор од сопствената решеност да работи за или против своето спасение. Дека ние луѓето не сме создадени едни за рајот, а други за пеколот, по некој намерен или случаен избор надвор од нас. Рајот и пеколот се внатре во нас. Ние самите ги подготвуваме со нашиот живот, со нашата вера, со нашата љубов кон Бога и кон ближните. Бог со својата родителска љубов нé повикува сите да се вратиме во нашата татковина, во Царството Небесно што Тој го подготви за нас. Бог ни подготви спасение, но не нé предодреди за спасение. Дали ние ќе одговориме на тој повик, или како заблудени чеда ќе ја отфрлиме Неговата милост и љубов, тоа е навистина сосема до нас.


Ете, затоа беше, не само чудна и арогантна, туку и страшна помислата на учениците: Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја. Тие мислеа дека бараат да бидат на висока позиција во царството на својот Учител и Господ. За нивната верност и приврзаност, тие посакуваа Синот Божји да им го исполни, за возврат, посакуваното властољубие и љубоначалие. Но, и за таа желба Господ ги поучи, давајќи ни и нам одговор за многу наши острастени мечтаења: Знаете дека оние, што се сметаат кнезови народни, господарат над нив, и управниците управуваат над нив. Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите. Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.


Наместо власт Господ им даде служба. Апостолската мисија, за која ги повика ученците, но и ја повикува секоја благочестива душа, е подвиг на секојдневно мачеништво од љубов кон сето Божјо создание. Тоа е примерот што ни го остави Спасителот, да си служиме во љубов еден на друг, и во тоа самоистоштение, во својот ближен да го препознаеме патот кон спасението.


Митрополит Методиј Златанов

No comments:

Post a Comment