Saturday, October 10, 2009

ПРАВОСЛАВНИ, ОСТАНЕТЕ ВО ОНА НА КОЕШТО СТЕ НАУЧЕНИ

ПРАВОСЛАВНИ, ОСТАНЕТЕ ВО ОНА НА КОЕШТО СТЕ НАУЧЕНИ


n596578727_1441476_4090550.jpg

Во годината 1583, римскиот папа Григориј Тринаесетти којшто го укина стариот јулијански календар, во повеќе наврати вршеше притисок врз цариградскиот Патријарх Јеремиј Втори, наречен Славен, да го прими новиот папски календар. Патријархот во своите писма го одбиваше повеќе пати, и најпосле, истата година во Цариград свика собор на којшто покрај него беа присутни: Александрискиот Патријарх Силвестер, Ерусалимскиот Патријарх Софрониј и многу други епископи. Овој собор издаде "Сигилион" којшто е испратен до сите помесни Православни Цркви. Во него се набројуваат основните ереси на папизмот и се анатемисуваат (т.е. се објавува дека се надвор од Црквата) сите оние коишто ги исповедаат. Еве го целиот текст на "Сигилионот":
На своите вистински деца, на Светата, Соборна и Апостолска Црква Христова од Исток, во Трговиште и во сите места: милост, мир и благодат од Семоќниот Бог !
Не мала загриженост го обзема древниот брод фрлан од брановите на бурата. И Господ Бог да не го предупредеше Ноја и со својата блага волја да не ја смиреше водата, не ќе имаше надеж за спасение во бродот. Слично се случи и со новиот брод, нашата Црква. Еретиците поведоа беспоштедна војна против нас, и ние сметавме дека е добро да го ставиме овој томос против нив, така што со помош на она што е напишано во него, да можете посигурно да го браните своето Православие. За овој документ да не им биде тежок на простите луѓе, одлучивме да го изнесеме сиот предмет пред вас во едноставен облик, какошто следува:
Од Рим дојдоа извесни личности коишто таму се научиле да мислат како Латини; и, лошо е тоа што иако Византијци, родени и пораснати во нашите краишта, тие не само што ја смениле својата вера, туку уште и се борат против православните и вистински догми на Црквата од Исток коишто Самиот Христос, божествените Апостоли и Светите Собори ни ги предадоа нам. Изопштувајќи ги, значи, како расипани членови, ние наредуваме:
1. Оној којшто не исповеда со срце и со уста дека е чедо на Црквата од Исток, крстен според православниот обред, и дека Светиот Дух исходи само од Отецот, суштински и ипостасно, какошто Христос говори во Евангелието, иако исходи од Отецот и од Синот во времето, нека таквиот биде надвор од нашата Црква и нека е анатемисан.
2. Оној којшто не исповеда дека во Тајната на Причеста и верниците треба да имаат заедница во двата вида, Чесното Тело и Светата Крв, но говори дека е доволно да го прими само телото, бидејќи крвта е исто така таму, иако Христос говореше и ги даваше секои од овие посебно, а тие до тоа не се држат, таквиот нека биде анатемисан.
3. Оној којшто вели дека нашиот Господ Исус Христос на Тајната Вечера употреби бесквасен леб како и Евреите а не квасен, нека биде далеку од нас и под анатема, како некој којшто мисли како старозаветен Евреин, и како некој којшто го воведува учењето на Аполинариј и на Евреите во нашата Црква, и поради тоа нека е анатемисан и по вторпат.
4. Оној којшто зборува дека кога нашиот Христос и Бог ќе дојде да суди, Он нема да им суди на душите заедно со телата, но доаѓа да одлучи само за телото, нека биде анатема.
5. Оној којшто ќе каже дека кога христијаните умираат, душите на оние коишто се покајале во овој живот но не претрпувале, одат во Чистилиште - коешто е грчки мит - каде што огнот и маките ги очистуваат, како што мислеше и Ориген, и со ова предизвикуваат слобода во гревот, таквиот нека има анатема.
6. Оној којшто ќе каже дека папата е глава на Црквата, а не Христос, и дека тој има власт да прима во Рајот со своите писма, и дека може да прости колку што може да направи некој којшто за пари прима од него индулгенција (опрошталница), таквиот нека има анатема.
7. Оној којшто не ги следи црковните обичаи прогласени од страна на седумте Вселенски Собори, и Светата Пасха и календарот коишто тие добро ги востановиле за ние да ги следиме, но сака да ја следи новоизмислената пасхалија и новиот календар на безбожните астрономи на папата; и противејќи се сака да ги отфрли и уништи учењето и обичаите на Црквата коишто ги примивме од нашите Отци, нека секој таков има анатема и нека биде надвор од Црквата и надвор од Соборот на Верните.
8. Ние ги повикуваме сите побожни Православни Христијани: останете во она на што сте научени, во што сте родени и пораснати, и кога времето и околностите ќе побараат пролијте ја и самата своја крв за да ја сочувате Верата и исповедањето коишто нам Отците наши ни ги предадоа. Чувајте се од таквите луѓе и бидете внимателни, за нашиот Господ Исус Христос да ви помогне. Нека благословот на нашата смерност биде со сите вас. Амин!

Година 1583 од раѓањето на Богочовекот, индикт 12. ноември 20.
ЈЕРЕМИЈ Константинополски
СИЛВЕСТЕР Александриски
СОФРОНИЈ Ерусалимски
(и останатите Епископи присутни на соборот).

• Овој "Сигилион" е пронајден во ракописниот кодекс бр. 772 во манастирот Свети Пантелејмон на Света Гора, и во ракописниот кодекс бр. 285 во келијата "Акатистна молитва" на светиот скит Капсокалива на Света Гора. Првпапг е печатен 1881година во билтенот бр.12 "Романска Православна Црква" во Букурешт, од страна на рускиот архимандрит Порфируј Успенски којшто го препишал од ракописниот кодекс на Великата библиопгека на манастирот на Синајската Гора.

No comments:

Post a Comment