Saturday, October 10, 2009

Православието и човечкото тело

Православието и човечкото тело



Ставот на Христијанството кон телото е принципелно различен од сите други религии. Христијанството е религија на воплотениот Бог, на Божјиот Син кој стана човек. Светиот апостол Јован Богослов, за воплотувањето пишува: «И Слово стана тело и се всели среде нас – исполнет со благодат и вистина; и ние ја видвме неговата слава, слава како на Еднородниот од Отецот” (Јн.1:14).

Паганството, при сета негова привидна љубов и угодливост во однос кон сѐ што е земно, всушност кон телото секогаш се однесувало со неизбежен презир. Впрочем, поинаку и не можеш да се однесуваш кон телото, ако сметаш дека неговата крајна судбина е да биде храна за црвите. Презирањето на телото е својствено и за други религии, како на пример, Будизмот. Според некои будистички медитации: «во овој костур облечен во кожа, не може да се најде ни трага од нешто што би било вистински чисто, како што се чисти бисерите… Видливата слика треба да помине и да остане само чувството на одвратност». Ваквиот презир е сосема разбирлив, ако телото е случајна обвивка, која при следната реинкарнација ќе биде заменето со друга.

Но, зарем не е слично и со христијанските аскети, кои го истоштувале телото со строги постови, со тешка работа и со многу други несфатливи аскетски подвизи? Секако, не. Авва Пимен за смислата на христијската аскеза вели: „Ние сме учени да бидеме – не убијци на телото, туку – убијци на страстите.”

Свети Јустин философ пак, прашува: „Што е човекот, ако не разумно живо суштество – составено од душа и тело? – И така, душата самата по себе, човек ли е? Не… А телото, ќе може ли да се нарече човек? – Не… Туку, само суштеството кое е сочинето од двете, се нарекува човек». За христијанинот, душата е „ветена” за телото и е нераздвојна од него. Уште повеќе: токму во тоа единствено тело мора да се изврши спасението и осветувањето на целиот човек.

Големиот руски философ од ХХ век, А.Ф. Лосев, еднаш забележал: «Нема религија без телото, зашто телото е извесна/позната состојба на душата, како што и душата е позната состојба на духот; и судбината на духот е судбина на душата, а судбината на душата е судбина на телото… ».

Оттука и произлегува принципиелно различниот однос на христијанството кон телото.

Колку само човек различно го чувствува своето тело. За бебето – телото е самото тоа: главата, рацете, нозете – и сето она што го сочинува телото – е она преку што живее детенцето, со што влегува во непозатиот свет, го опипува, го разгледува, го пробува со своите млечни запчиња.

Телото на момчето е нешто повеќе: неговите способности растат секој ден. Расте телото, доаѓа и свеста дека личноста, своето „јас” не е само телото; телото е мое, тоа со мене е цврсто поврзано и нераскинливо, но сепак, моето суштество не се исцрпува со телото. Да, тоа може да се замори, тоа треба да се храни и да се одржува, но сепак среќен е оној што го научил телото да му биде послушно на домаќинот: во негови раце тоа станува послушен инструмент.

Животот на возрасниот човек, созреаниот, во многу зависи и од состојбата на неговото тело. Некогаш развиеното тело, во староста станува извор на маки и болести… И тогаш остарениот човек често се прашува: Каде се телесните наслади? Каде е жарот на младоста? Зарем не е привид животот што поминал пред очите чиј сјај полека гасне?

Сепак, христијанинот е свесен дека телото не е «вреќа со коски и друга нечистотија» – како во толкувањето на Будизмот, или пак «затвор за душата» – како во елинската философија. Телото е единствен инструмент со кој душата го твори својот живот – станувајќи или подобра и почиста, или потемна и порасипана.

Нашето тело е кола со која треба да отпатуваме во вечниот живот, но треба да имаме предвид дека таа кола не е сосема исправна. Уште од моментот на гревопадот, телото почнало да се стреми тирански да ги потчини на своите животни потреби; и душевните, и духовните стремежи на човекот. Како авион со расипан систем за ориентација, човечкото тело покажува дека е под влијание на грев и е неспособно за беспрекорно извршување на својата предназначеност. Катастрофата би била неизбежна, но во Христос кој ја прими целата полнота на човечката природа – освен гревот – настана кавлитативна измена на човечката природа, или сликовито кажано; не само «установување на првичните координати» за движење, туку и пробивање на најкраткиот пат до спасението.

Во Телото на Христос, односно во Неговата Црква која е Негово тело – секој верен, кој се нурнува во смртта и воскресение Христови преку Крштението и хранејќи се со Неговите Свети Тајни во Литургијата, добива осветување на своето тело уште во деновите на своето земно битие. Токму тоа им дава право на христијаните да му благодарат на Бога, за овој дар на живот во тело, да му благодарат за убавината, силата и премудроста, кои христијанската вера ги гледа во целото создание, што значи и во човечкото тело.

No comments:

Post a Comment