Saturday, October 10, 2009

Храната, падот и постот -АЛЕКСАНДАР ШМЕМАН

Смисолот на храната го наоѓаме во првото поглавје од Светото Писмо, поврзано со создавањето на човекот. Откако го создал светот, Бог го дава (светот) како храна на човекот, што значи дека човековиот живот зависи од храната, односно од светот. Човекот живее од храната, ја преобразува храната во својот живот. Зависноста на човекот од надворешното, од материјата, од светот е толку очигледна, што Фоербах, еден од основачите на материјализмот, го предава човекот преку познатата формула: „човекот е она што го јаде“. Но учењето и откровението на Библијата не почива на оваа зависност. Човекот ја прима храната, односно самиот живот од Бога. Таа е Божји дар на човека, и тој не живее за да јаде и на тој начин да го одржи својот физички опстанок, туку за да се уподоби себеси на ликот и подобието Божјо. Во таа линија, самата храна постанува дар на животот, како осознавањето на слободата и убавината на духот. Храната се преобразува во живот, но храната се открива од почетокот како слобода од зависноста од самата храна, зошто во создавањето на човекот Бог му заповедува да има власт над земјата. Оттука, при примањето храна од Бога како дар од Бога, човекот се исполнува самиот себе со свет живот. Ете зошто, библиски гледано, падот на човекот е поврзан со храна. Тоа е познатата приказна за забранетиот плод, кој човекот го јаде тајно од Бога, со цел да стане како Бога. Значењето на овој пример е едноставно: човекот поверувал дека од самата храна, дека преку чистото поткрепување на она што го консумира, може да го прими она што всушност е можно да се прими само од Бога. Преку храната тој барал начин за ослободување од Бога, што само го довело во робување и зависност од храната; човекот станал роб на светот. Но ова исто така значи и роб на смртта, оти храната не може да му ја дари онаа слобода од светот и смртта, која може да дојде само од Бога. Храната, символот и изворот на животот, стана символ на смртта. Зашто, ако човекот не јаде, умира. Но ако ајде, исто така умира, оти самата храна е заедништво со она кое умрело и според тоа, со смртта. И така, на крај, спасението, обновувањето и проштевањето, и воскресението во Евангелието се поврзани исто така со храна.

извадок од книгата „Оче Наш“

No comments:

Post a Comment