Tuesday, November 3, 2009

ЗА МАЈКАТА БОЖЈА

ЗА МАЈКАТА БОЖЈА


Старец Силуан

Кога душата е во љубовта Божја, о, колку е се благопријатно. Но, и при љубовта Божја постои тага. Колку е поголема љубовта, толку е поголема и тагата. Божјата Мајка никогаш не згреши ниту со една помисла, и никогаш не ја изгуби благодатта. Но, и Таа многу тагуваше. А кога стоеше под Крстот, Нејзината тага беше неизмерна како океан, а маките на Нејзината душа беа неспоредливо поголеми од маките на Адам по изгонувањето од рајот, затоа што и Нејзината љубов беше неспоредливо поголема, отколку неговата. Таа остана жива, само заради тоа што ја крепеше силата Господова. Оти Господ сакаше Таа да го види Неговото Воскресение и по Неговото Вознесение да остане на земјата за утеха и за радост на Апостолите и на новиот христијански народ.

Ние не можеме да ја достигнеме полнотата на љубовта на Божјата Мајка, и затоа не можеме целосно да ја сфатиме Нејзината тага. Нејзината љубов беше совршена. Таа неизмерно Го љубеше Бога и Својот Син. Но, Таа и луѓето ги љубеше многу силно. И што ли преживуваше Таа, кога тие љубени луѓе и чиешто спасение до крај го сакаше, Го распнуваа Нејзиниот Возљубен Син?

Ние не можеме да го сфатиме тоа, затоа што во нас има малку љубов спрема Бога и спрема луѓето.

Колку што љубовта на Мајката Божја беше безмерна и недостижна, толку и Нејзината тага беше неизмерна.

0, Пречиста Дево Богородице, кажи ни нам, на Твоите деца, како живеејќи на земјата Го љубеше Својот Син и Бог, како се веселеше Твојот дух во Бога, Спасителот Твој? Како го гледаше Неговото прекрасно лице и каква беше твојата помисла дека тоа е Оној, Кому со страв и со љубов Му служат сите небесни сили?

Кажи ми, што чувствуваше Твојата душа, кога во Своите раце Го држеше прекрасниот Младенец? Како Го воспитуваше? Колку Те болеше душата, кога заедно со Јосиф три дена Го бараше во Ерусалим? Какви ли маки преживуваше Ти, кога Господ беше предаден на распнување, умирајќи на Крстот?

Кажи ни колкава беше Твојата среќа заради Воскресението, или како тагуваше Твојата душа по Вознесението Господово?

Нашите души копнеат да дознаат каков беше Твојот живот со Господа на земјата. Но, Ти не посака тоа да се запише, туку со молчание ја покри Својата тајна.

Господ и Божјата Мајка излеаја врз мене многу милост и направија со мене многу чуда, но не сум во состојба со ништо да им возвратам за толку големата љубов.

Со што ќе и возвратам на Пресветата Владичица, што не се згнаси од мене заради моите гревови, туку милостиво ме посети и ме вразуми? Јас не Ја видов Неа, но Светиот Дух ми даде да ја познаам преку Нејзините зборови, исполнети со благодат. И се радува мојот дух, и копнее душата моја по Неа со љубов, така што и самото призивање на Нејзиното Име му е мило на срцето.

Еднаш, кога бев млад послушаник, се молев пред иконата на Божјата Мајка, и Исусовата молитва влезе во моето срце, почнувајќи сама да се произнесува. Друг пат пак, во црквата слушав читање од пророштвата на Исаија, и при зборовите: "Измијте се и ќе бидете чисти" (Иса. 1,16), помислив: "Можеби Божјата Мајка некогаш згреши, макар и со мисла". И чудесно, во моето срце, заедно со молитвата гласот јасно прозбори: "Божјата Мајка никогаш не згреши, дури ни со мисла". Така, Светиот Дух во моето срце сведочеше за Нејзината чистота. Но, за време на земниот живот, кај Неа постоеше некоја нецелосност и безгрешни грешки заради несовршенството. Тоа се гледа од Евангелието, кога Таа, враќајќи се од Ерусалим, не знаеше каде е Нејзиниот Син. И потоа, заедно со Јосиф три дена Го бараше (Лука 2, 44-46).

Мојата душа е во страв и во трепет кога размислувам за славата на Божјата Мајка. Мојот ум е мал и моето срце е бедно и немоќно, но душата е радосна и копнее да напише, барем неколку зборови за Неа.

Мојата душа се плаши да ја допре, но љубовта ме тера да не ја скривам благодарноста за Нејзиното милосрдие.

Божјата Мајка не допушти да се запишат ниту Нејзините мисли, ниту Нејзината љубов спрема Нејзиниот Син и Бог, ниту страдањата на Нејзината душа при распнувањето, затоа што ние не сме моќни да го сфатиме тоа. Бидејќи Нејзината љубов спрема Бога е посилна и поогнена од љубовта на Серафи-мите и на Херувимите, Нејзе и се восхитуваат сите небески сили на ангелите и на архангелите.

Иако животот на Божјата Мајка како да е покриен со свето молчание, Господ на нашата Православна Црква и даде да знае дека Таа со Својата љубов го закрилува целиот свет. Во Светиот Дух ги гледа сите народи на земјата, и подобно на Својот Син ги сожалува, милувајќи ги сите.

О, кога би знаеле колку Пресветата ги љуби сите што ги чуваат Христовите заповеди, и колку тагува и жали заради тврдокорните. Јас го искусив тоа врз себеси. Верно, ја зборувам вистината пред лицето на Бога, Кого Го знае душата моја: со духот ја знам Пречистата Дева. Јас не ја видов Неа, но Светиот Дух ми даде да Ја познаам Неа и Нејзината љубов спрема нас. Да не постои Нејзиното милосрдие, јас одамна ќе загинев. Но, Таа посака да ме посети и да ме вразуми за да не грешам. Таа ми рече: "Мене ми е непријатно да го гледам она што го правиш". И Нејзините зборови се тивки, кротки. Тие дејствуваат врз душата. Изминаа повеќе од четириесет години, но мојата душа не може да ги заборави тие милозвучни зборови. И не знам со што ќе и возвратам јас грешниот, за толкавата љубов спрема мене неблагочестивот. И како ќе и благодарам на Благата, Милостива Мајка Господова.

Верно, Таа е нашата Застапничка пред Бога, и самото Нејзино Име ја радува душата. Но, и сето небо и сета земја се радуваат во Нејзината љубов.

Чудесни и несфатливи нешта! Таа живее на Небесата и непрестајно ја гледа славата Божја, но не не заборава нас бедните, и со Своето милосрдие ги штити, сета земја и сите народи.

И Неа, Пречистата Своја Мајка ни ја дарува Господ. Таа е нашата радост и нашата надеж. Таа е нашата Мајка по дух. И блиска ни е според човечката природа. И секоја христијанска душа исполнета од љубов, копнее по Неа

No comments:

Post a Comment