Бигорски манастир - сведоштво за нашите падови, но и за нашите воскресенија
'Затоа радувајте се, макар сега да сте малку во скрб – ако е потребно – во различни искушенија, та вашата вера испитана, да излезе подрагоцена од нетрајното злато, па било тоа да е испитано и преку оган, за пофалба, чест и слава, кога ќе се појави Исус Христос..."Овие прекрасни зборови на светиот Апостол Петар кои тој преку своето послание ги упатува до верните, се вистинска утеха и мелем за нашите нажалени срца. Гледајќи ја потресната глетка на пеплосаниот конак, Бигорското братство не можеше а да не воздивне од тага, бидејќи крстот е голем и тежок, но сепак охрабрени и молитвено поткрепени од својот старец, тие полека се подигнаа под тежината на крстот и решени смирено да го носат до крај, веднаш започнаа со расчистување и заштита на она што можеше да се спаси. И веќе атмосферата е поинаква. Пораката што од овде излегува веќе не е онаа на болка и пустош, туку просто зрачи од надеж, надеж дека ова е еден нов почеток, дека по милоста Божја и по молитвите на Св. Јован, овде набрзо повторно ќе никне конак.А Господ се радува на овој прекрасен пример на трпение во искушението, на незгасната ревност, на силна вера и ги прегрнува своите чеда, кои сега, во искушението, Му се најблиску. И со мали знаци веќе го најавува славното воскресение. Во најкритичниот дел, каде до последно се интервенираше, каде одново и одново ке вивнеше пламен, сега сме сведоци на едно чудо: по само три дена нова млада пченица се пробива низ пеплосаните греди и како да сведочи дека подобно на Јона во китот и на тридневното воскресение на преблагиот наш Господ, и овој конак, што беше погребан во огнот како пченично зрно, ке воскресне во полн сјај од својата пепел.И сестрите во манастирот на Св. Георгиј Победоносец, кои во секое време ги делеа радостите и тагите на Бигорските браќа, ги соединија со нив своите молитви кон Пресветата Владичица да го покрие нашиот народ со својот свет покров, да ги растопи и смилостиви скаменетите срца, да ги разбуди заспаните души за покајание и сите заедно да Му принесеме на Господа духовна жртва - покајни солзи за народните гревови, како што Бигорскиот игумен, Архимандрит Партениј нагласи во својата порака до верниците:'Ова е повик од Господ да ја обновиме светињата во голем сјај. Ова Тој го бара од сите нас, овие млади генерации, да го обновиме Бигорски, да го вратиме и да му го подариме на Господ и да се молиме Господ да го прими сето тоа од нашите раце. Ова што се случи за нас е една голема трагедија, тагата е неопислива, но за христијаните нема очајание. Не смееме да очајуваме и ако плачеме, плачеме за нашите народни гревови и за возобновување, а никако во очај, бидејќи низ историјата сме имале огромни искушенија, но нашите татковци ни во најтешките периоди никогаш не очајувале. Тие имале силна вера во Крстот Господов и во Воскресението и од пеплиштата повторно се подигале и верно Му служеле на Бога. Нашите татковци направиле многу, ќе продолжиме и ние. Ќе продолжиме со добри македонски верници, кои се живата Црква, бидејќи Господ ја љуби живата Црква. На Господ, пред се, најмили му се чистите срца, молитвите и нашите покајнички солзи, а другото ќе ни го врати во голем сјај. Ве замолувам да не очајуваме туку да плачеме за нашите гревови, бидејќи, навистина, ова е можеби една опомена од Господ дека сме паднале, зашто Бигорски низ историјата бил сведоштво за нашите падови, но и за нашите воскресенија. Се надевам дека од сега па натаму ќе има воскресение. Дека ќе се покаеме,... сите ќе се обединиме. Ќе ја обновиме светињата и целата наша татковина. Господ ни дава таква можност, за благослов на сите нас, да се вградиме во една голема историска светиња и така повторно да ја докажеме нашата силна вера во Бога.
Ги благословувам сите оние кои се добронамерни кон светињата и кои сакаат да ја помогнат. " |
No comments:
Post a Comment