ВОВЕД ЗА ПОСТОТ |
ВОВЕД ЗА ПОСТОТ Постот е востановен од Бога со заповедта дадена на првите луѓе во земниот рај - да не јадат од дрвото за познавање на доброто и злото (1. Мој. 2,17). Преку неа Бог сакал уште на самиот почеток да ги научи луѓето на послушност и воздржување.
"Постот е оружје во духовната борба против поднебесните сили" (лукавиот и неговите црни ангели) (Матеј 17, 21; Ефес. 6,12), неопходно средство за стремеж на човекот кон духовно совршенство, надежна сила за давање отпор во духовната немоќ и благодатна ризница за постигнување на крајната и врвна цел на христијанскиот живот - светост и спасение во Господа.
Во Стариот Завет имаме многу примери за пост: светиот пророк Мојсеј Боговидец постел 40 дена и 40 ноќи (2. Мој. 34, 28) за да се подготви да ги прими Десетте Божји заповеди; светиот пророк Илија со строг пост, духовна чистота и голема ревност за Господа се удостои да ја види Божјата слава (3. Цар. 16, 4-13), а, пак, светиот Јован Крстител е познат како најголем и најстрог испосник. Воопшто, сите праведници постот го запазувале во помала или поголема мерка.
Оние кои поверувале во Христа започнале да постат уште во времето на апостолите. Првите христијани постеле строго, често и продолжително, за да се подготват подобро за богоугодни подвизи. Во првите векови христијаните постеле не во определено време, туку кога сакале и колку сакале. Во четвртиот век наоѓаме правила и одредби не само за постоечките, Велигденскиот и Петровденскиот пост, туку и за Божикниот и Богородичниот пост. Четирите поста биле прилагодени кон четирите годишни времиња.
|
No comments:
Post a Comment